Твоите нозе под вода

Добредојде и благодарам што си тука.
Долго време размислував дали воопшто да почнам да пишувам вакви писма, но последниве недели одлучив да почнам, затоа што чувствував дека Instagram станува премал за некои работи кои од срце сакам да ви ги пренесам, премногу стана брз, ретко задржува внимание, премногу лесно може нешто длабоко да стане една објава низ која ќе се помине со едно движење на прстот. 

Сакам да создавам простор во кој некоја жена ќе застане, ќе размисли, ќе се препознае. Можеби ќе се насмее, можеби ќе заплаче. Но најмногу од сè, ќе почне малку подобро да се слуша себеси и навистина ќе направи промена. Затоа имам поткаст со толку многу епизоди, кој сам по себе е, како што една прекрасна жена ми пиша, „терапевт во џеб“. 

Во следните три недели ќе добиеш три писма од мене. 

Доволно е некој да ти постави едно поинакво прашање, за да почнеш поинаку да го гледаш својот живот.

Како што веќе добро ме знаеш, најдобро размислувам преку приказни, па дозволи ми денес да те однесам на едно место.

Замисли дека стоиш покрај брегот на Охридското Езеро. Рано наутро е.
Воздухот е свеж, водата е мирна, а езерото изгледа како огромно огледало. Те преплавува неговото автентично синило, па и она од небото. 

Од далечината полека се приближува еден лебед. Не можеш да си во Охрид, а да не го видиш. Забележи го колку е прекрасен, грациозен. Не брза, не се бори, не создава бранови.
Изгледа како едноставно да лебди над водата. Лесно, достоинствено и смирено. 

Но, тоа е само она што езерото ти дозволува да го видиш.
Ајде сега да нурнеме под површината. Под водата сликата е сосема поинаква.
Неговите широки, мрежести стапала непрестајно работат. Со секое движење ја оттурнуваат водата наназад. Постојано прават мали корекции. Ја чувствуваат струјата, ја следат и ја балансираат. Секое мало поместување е одговор на она што се случува околу нив.
Над водата гледаш достоинство и спокој, а  под вода се случува работа што речиси никој никогаш нема да ја види.

Да, знам… не секој ќе седи и гледа во лебед за да размислува како плови 🙂 Но, не можам да не го поврзам ова со нас, луѓето. Могу често, никој не ги гледа нашите „нозе под вода“, па дури ни ние самите. 

Ако можам да издвојам прашање кое дефинитивно последниве две години најмногу го добивам и приватно и на Инстаграм тоа е:
„Како постигнуваш со три деца?“
„Како стигнуваш да снимаш подкаст, да пишуваш, да работиш, да создаваш нови програми?“



Ова лето ми даде некои одговори кои навистина сакам да ви ги пренесам. 
За време на јуни, две недели бев на одмор во Грција, со три мали деца, со песок насекаде, со играчки, кофи, мрежи, гребла, лопатки, милион пешкири, костими за капење, исфлекана облека… ако имаш деца, јасно ти е. Две од тие три деца се уште многу мали, едното во фаза на растење на тројките (уф)… Парадоксално, баш лошо спиеја, грчките комарци не не поштедија, отидовме малку настинати, кашлици, мрсулчиња, затнати носиња. Готвев по три пати на ден, чистев, перев, средував… од ништо не бев поштедена што се однесува на секојдневните обврски. Сон за мене скоро и да немаше, а паралелно, работев на најголемото лансирање кое сум го имала до сега, на најважниот проект кој со цела душа го спремав и како вклучена во штеќер, секој ден објавував содржина. 

Но, знаеш што? Јас во Скопје се вратив поодморена отколку по многу одмори претходно. Мене ова ми беше најубавиот одмор во животот до сега.

Размислував зошто некој е толку длабоко изморен, а јас и покрај обемот на работа, уморна сум, ама, онака, убаво уморна. Или, можеби, поинаку го доживувам уморот сега, после три деца и долги години работа на себе. 

Мене никогаш најмногу не ме уморувала работата. Јас сакам да работам и мислам дека сите луѓе се создадени за да работат. Руските психолози имаат многу убави теории на оваа тема, имаме раце и сме создадени да создаваме, во најразлични форми, па иако сме некогаш многу уморни, не правењето ништо, нема да ни носи задоволство, ниту одмор. 
Не беше вака порано кај мене, па размислував на оваа тема многу откако се вратив назад во Скопје. Мене, порано, најмногу ме уморувало она што никој не го гледал. 

Моите „нозе под вода“.

Само што кај мене тие нозе не беа обврските, децата, подкастот, пишувањето, лансирањето…
Беа стотиците мисли кои никој никогаш не ги гледаше.
На плажа изгледа како само да седиш со децата.
Внатре во себе, може да се случува цел еден невидлив свет.

„Дали децата им пречат на луѓето што лежат до нас?“„Дали требаше побрзо да ги смирам?“„Дали некој ме гледа како мајка што не умее да ги контролира?“„Дали сум премногу опуштена?“„Дали сум премалку присутна?“„Дали работам премногу додека сум на одмор?“„Дали ако објавам стори од плажа ќе изгледа како да се фалам?“„Дали ако не објавам ништо, ќе исчезнам од вниманието?“„Дали ако пишувам додека сите спијат, тоа значи дека не знам да одморам?“„Дали ако не пишувам, пропуштам нешто важно?“

Истото може да се случува и дома.
„Дали куќата е доволно средена?“
„Дали заборавив нешто за децата?“
„Дали треба уште еднаш да објаснам што ми треба?“
„Дали ако побарам помош ќе звучам како да се жалам?“
„Дали ако не побарам помош ќе се налутам што никој не видел?“

Може да се случува и во партнерството.
„Дали ме разбира?“
„Дали треба сам да сфати?“
„Дали премногу барам?“
„Дали премолчувам за да не почне расправија?“
„Дали ова што го чувствувам е реално или претерувам?“

Може да се случува и со родителите.
„Дали ќе се навредат ако кажам не?“
„Дали ќе помислат дека сум неблагодарна?“
„Дали треба да се објаснувам уште еднаш?“
„Дали имам право да живеам поинаку од нивните очекувања?“

Може да се случува и со соработници, клиенти, публика.
„Дали дадов доволно?“
„Дали требаше уште?“
„Дали некој ќе се почувствува повреден?“
„Дали ова ќе звучи премногу?“
„Дали ќе помислат дека сум себична?“
„Дали некого ќе разочарам?“
„Дали со ова ќе тригерирам некого?“
„Дали е ова срамота?“
„Дали ќе изгледа арогантно?“
„Дали ќе ме разберат?“
„Дали треба да бидам понежна?“
„Дали треба да бидам похрабра?“
„Дали треба да бидам помалку јас?“

Заморно е и да се читаат овие мисли, а колку од нив ги имаш во глава?
Заморот не доаѓа од тоа што правиш.Доаѓа од тоа што паралелно се обидуваш да управуваш со сè што може некој да помисли, почувствува, очекува, замери или погрешно разбере.

Затоа „успевам“ со толку многу на чинијата. Некаде низ годините научив и престанав да ја трошам истата енергија двапати.

Првиот пат, на самиот живот.
Вториот пат, на тоа што мислам за животот.


Тоа е местото каде почувствував огромна разлика.
Кога не се обидувам, да ја контролирам секоја реакција, секој впечаток, секое можно толкување, во мене останува енергија.

Енергија за децата, енергија за работа, енергија за море, енергија за смеење, енергија за создавање, енергија за присуство.

Ова лето тие мисли речиси ги немаше затоа што повеќе не се обидував да управувам со струјата во туѓите глави.

Првпат по долго време да почувствувам колку е лесно кога под водата конечно има помалку борба.
Понекогаш сме уморни затоа што нашата енергија постојано протекува кон места каде што немаме вистинска моќ.

Кон туѓи реакции, кон туѓи очекувања, кон разговори што уште не се случиле, кон вина што никој не ни ја дал, ама ние веќе сме ја земале.
Кон обидот сите да бидат добро, за конечно и ние да си дозволиме да бидеме добро. Тоа е туѓата струја и таму немаме контрола и кога енергијата протекува таму, не останува доволно за тука и сега, за првиот чекор, за она кое навистина е твое.

Дали си навистина уморна од работата или можеби
…постојано претпоставуваш што мислат другите?
…се трудиш никој да не се налути?
…однапред ги водиш сите можни разговори во својата глава?
…се обидуваш сите да те разберат?
…постојано скенираш дали некого си разочарала?
…лута си затоа што не добиваш очекувана поддршка?
Не те исцрпува она што го правиш, колку што те исцрпува она што го носиш во глава додека го правиш.

Работата со стотици клиенти, често ме однела на место каде клиентот доаѓа со некој голем застој и не знае од каде му е. Нема енергија, не може да стане, не може да напише, не може да заврши, итн… Целата енергија е насочена кон некој позадински процес, некогаш е очекување дека некој друг треба да…., некогаш е лутина кон некого поради…., некогаш е страв од преземање одговорност за…., некогаш е трошење на цела енергија за да се заврши…. и се преплавуваат од обемот на работата кога гледаат во крајот, што потполно се губи енергијата во тука и сега и првиот чекор пред нив. Некогаш е страв од сепарација од моменталната улога…. Никогаш не е реална неможност (освен при некоја болест, но тогаш се принудени да прифатат помош и тоа е веќе друга тема). 

Во пракса тоа изгледа кога клиент ќе ми сподели:
„Не можам да почнам.“
Но, додека разговараме, станува јасно дека таа веќе поминала километри… само не во реалноста.
Во својата глава веќе разговарала со партнерот.
Веќе се расправала со шефот.
Веќе им објаснила на родителите.
Веќе ја предвидела реакцијата на децата.
Веќе се обидела да не разочара никого.
Веќе си докажала дека нема да успее.
Веќе почувствувала вина за нешто што сè уште не се случило.
Кога конечно ќе дојде моментот да го направи првиот чекор, таа навистина веќе нема енергија.
Енергијата веќе била потрошена однапред.

Тоа е како да тргнеш на долг пат со полн резервоар, а првите неколку часа да ги поминеш вртејќи се во место или околу населба. 

Кога конечно ќе излезеш на вистинскиот пат, ќе помислиш дека автомобилот не може повеќе, но горивото веќе било потрошено на место каде што воопшто не си се движела.
Енергијата истекува во обидот да ги контролираме работите кои никогаш не биле под наша контрола. Туѓите мисли, туѓите реакции, туѓите очекувања, туѓите разочарувања, туѓите интерпретации…
Кога најголемиот дел од денот го поминуваш таму, нормално е да се чувствуваш како да немаш енергија за сопствениот живот.

Но, не ни истекува енергијата само кон другите.
Има уште едно место кое знае да е уште поголемо. 
Кон тоа постојано да се убедуваме дека не смееме да згрешиме, дека мора да бидеме подобри, дека треба повеќе да се трудиме, дека веќе требало да сме го надминале ова, дека не смееме да бидеме тажни, дека не смееме да бидеме лути, дека мора да продолжиме…
Колку енергија трошиме обидувајќи се да не го чувствуваме она кое веќе го чувствуваме?Колку енергија трошиме борејќи се со сопствената реалност?

Кога човек ќе дојде и ќе каже:
„Немам енергија.“
малку е веројатно дека навистина нема сила во него.

Проблемот е што таа веќе долго време е врзана во незавршени разговори, во неискажана лутина, во очекување некој конечно да разбере, во обид да се промени нешто што одамна не е под наша контрола, во борба со сопствените чувства,во идејата дека животот требало да изгледа поинаку.
Не сме уморни затоа што животот е тежок, туку затоа што во исто време живееме два животи. 
Еден што навистина се случува и уште еден, во нашата глава.

Во кој постојано објаснуваме, поправаме, докажуваме, предвидуваме, се браниме, се обвинуваме и се обидуваме да контролираме нешто што никогаш не било наше да го контролираме.
Помалку обврски не значи секогаш повеќе одмор. Ако и понатаму ја трошиш енергијата на вина, претпоставки, контрола и туѓи реакции, ќе бидеш подеднакво уморна и со празен календар. Не секој товар што го носиш е твој, а додека не почнеш да ги разликуваш, ниту еден одмор нема да ти биде доволен.


Мал експеримент за оваа недела
Не сакам ништо да менуваш, не сакам да поставуваш нови цели, не сакам да станеш „подобра“.
Сакам само да ги фатиш своите „нозе под вода“.
Секојпат кога ќе почувствуваш замор, застани само една минута и прашај се:
Од што сум уморна во овој момент?
Од она што го правам или од она што го мислам додека го правам?


Не брзај со одговорот, само забележувај.

Можеби ќе откриеш дека не те исцрпува состанокот, туку тоа што цело време се обидуваш никој да не помисли дека не знаеш доволно.Или дека не те уморува готвењето, туку тоа што цело време мислиш дали сите ќе бидат задоволни.Или дека не те уморуваат децата, туку чувството дека мораш сè да носиш сама.Или дека не те уморува објавата што ја сподели, туку тие два дена пред тоа кога се прашуваше дали воопшто смееш/ треба да ја објавиш.

Ако сакаш, на крајот од секој ден напиши само една реченица.
„Денес моите нозе под вода најмногу работеа кога…“

Само една, без некоја голема анализа, без поправање и влегување во триста теории. 
Само забележи го првото кое ти дојде на ум и запиши. 
Она кое еднаш ќе го видиш, повеќе никогаш нема да можеш да го игнорираш. 

Ако најголемиот дел од нашата енергија не исчезнува во обврските, туку во сè она што носиме додека ги извршуваме тогаш, од каде воопшто сме научиле дека тоа е наша работа?
Кој нè научил дека треба однапред да ги носиме туѓите реакции?
Кој нè научил дека сме одговорни за туѓото разочарување?
Кој нè научил дека мора прво сите други да бидат добро, за ние конечно да си дозволиме да бидеме добро?

Токму таму ќе одиме следната недела.

Лебедот не се обидува да направи мирно езеро, само учи да остане мирен додека езерото не е.
Со љубов,
Елена