| Добредојде во втората недела. |
| Минатата недела не те замолив да промениш ништо, само да забележуваш. Да ги фатиш своите „нозе под вода“. Ако навистина го направи експериментот, сигурна сум дека барем еднаш во текот на неделата застана и си рече: „Леле… цело време мислам.“ Можеби сфати дека не те уморуваше ручекот, туку тоа што однапред се грижеше дали сите ќе бидат задоволни. Можеби не беше состанокот, туку разговорот што три часа однапред го водеше во својата глава. Можеби не беше детето што плачеше, туку вината што си ја создаде затоа што помисли дека не си доволно добра мајка. Можеби за првпат виде дека не си уморна само од она што го правиш, туку и од сè што носиш додека го правиш. Но, ова отвора едно многу поважно прашање. Ако толку многу енергија ми оди таму, зошто воопшто го правам тоа? Зошто едноставно не престанам? Дозволи ми денес повторно да те однесам во природата. Овојпат, пред едно старо дрво. Оддалеку изгледа прекрасно, стабилно, моќно.Но, кога ќе му се приближиш, ќе забележиш дека околу него со години расте бршлен. Во природата бршленот не е непријател. Тој е многу важен за екосистемот. Додека дрвото е младо, може да помогне да се зачува влагата околу него, да ја заштити почвата и кората од екстремни временски услови и да создаде засолниште за многу живи суштества. Некогаш, она што се прилепува до нас, навистина нè штити. Но ако продолжи да расте без граница, со текот на времето, почнува да ја покрива крошната, па да му ја зема светлината и доаѓа до натпреварување за вода и хранливи материи. Ги оптоварува гранките и доаѓа момент кога веќе не можеш лесно да препознаеш каде завршува дрвото, а каде почнува бршленот. Бршленот не станал лош, само продолжил да расте и тогаш кога веќе не бил потребен. Она што некогаш нè заштитило, ако никогаш не го преиспитаме, може полека да почне да ни ја одзема силата. Истото ни се случува и нам луѓето. Некои наши мисли, правила и начини на живеење се појавиле за да ни помогнат да растеме, да преживееме, да се заштитиме од различни околности. Можеби научи дека ако постојано им помагаш на другите, ќе бидеш сакана.Можеби научи дека ако сè држиш под контрола, ќе бидеш безбедна.Можеби научи дека ако не плачеш, нема да бидеш товар.Можеби научи дека ако не кажуваш што ти треба, никој нема да може да те одбие.Можеби како девојче научи дека ако си мирна, добра и не бараш многу, ќе има помалку конфликти.Можеби научи дека ако однапред ги почувствуваш туѓите расположенија, ќе се заштитиш. Во тој период, навистина ти помогнало и ова било генијално решение. Тоа бил твојот бршлен, твојата одбрана и адаптација. Најдоброто што си го имала со ресурсите, зрелоста и околностите во кои си живеела. Тој образец те чувал, ти помогнал да останеш поврзана, да останеш прифатена, да останеш безбедна. Но, она што нè штити како дете, не секогаш нè служи како возрасни. Ова е едно место кое е многу тешко. Треба да му кажеме „благодарам“ на нешто што со години ни помогнало и да признаеме дека повеќе не ни е потребно, а тоа бара многу повеќе храброст отколку едноставно да си кажеме: „Од денес ќе размислувам поинаку.“ Не страдаме затоа што имаме отпори, нормално е да ги имаме. Страдаме затоа што продолжуваме да користиме решение што било создадено за живот кој повеќе не постои. Затоа денес не можеме едноставно да кажеме: „Престани да мислиш така.“ Не можеме. Затоа што не се откажуваме од проблем, туку се откажуваме од нешто што некогаш нè заштитило. Замисли за момент едно мало девојче, не мора да бидеш ти, само едно девојче. Седи тивко во својата соба и полека учи како функционира светот. Не знае да чита од книги, чита од погледите, од молкот, од воздишките на ворасните, од рекациите кога ќе заплаче, од тоа што се случува кога ќе каже „не“, што се случува кога ќе побара нешто. Таа не си вели во себе:„Денес ќе развијам образец на people pleasing.“ Таа си вели: „Следниот пат ќе бидам потивка.“ „Следниот пат нема да барам.“ „Следниот пат ќе внимавам на сите.“ „Следниот пат ќе погодам што им треба.“ Затоа што сака да остане поврзана. За едно дете, љубовта е преживување. Затоа денес не можеш едноставно да се разбудиш и да кажеш:„Од денес ќе бидам поинаква.“ Затоа што не се обидуваш да промениш навика, се обидуваш да убедиш еден многу стар дел од себе дека денес веќе е безбеден.Такво нешто не се случува преку сила, ниту преку ноќ. Често гледам еден пример кај парови. Жената вели: „Сè правам сама.“ Тој вели: „Па кажи ми што ти треба.“ Таа веднаш возвраќа: „Не треба да ти кажувам. Ако ме сакаш, треба сам да видиш.“ (некогаш не е во ваква завиена форма, туку е многу поголем напад – дете ли си да не знаеш дека треба да го направиш тоа? Каде ти се очите? Се ли морам јас да ти кажувам? Нели гледаш дека сум уморна? ….) На прв поглед изгледа дека се расправаат околу садови, деца или домашни обврски, но речиси никогаш не е тоа процесот меѓу нив. Под тоа стои еден стар бршлен. „Ако морам да побарам, значи не сум важна.“„Ако ме сака, ќе знае.“„Ако треба да објаснувам, тогаш сум сама.“ Тоа не се факти, само стари начини на кои некогаш сме учеле што значи љубов. Затоа отпорот е толку голем. Не се плашиме од новото, колку што се плашиме дека ако го пуштиме старото, ќе изгубиме нешто кое некогаш ни било неопходно. Замисли сега дека истата жена, наместо автоматски да го следи стариот бршлен, застанува за момент. Го чувствува истиот страв. Истата мисла: „Ако морам да побарам, нема да вредам.“ Но овојпат не ѝ верува автоматски. Наместо да чека тој сам да забележи. Наместо да се налути што не погодил. Наместо да се повлече и повторно сама да ги измие садовите…Таа вели: „Денес ми треба твоја помош. Би сакала ти да ги измиеш садовите.“ На површината изгледа како да се смениле само неколку зборови, но под површината се случила револуција. За првпат не бара некој да ѝ докаже дека ја сака. Му дава шанса да ја сака како возрасен човек, а не како некој кој треба да ѝ ги чита мислите. За првпат не реагира од девојчето кое се плаши дека нема да биде видено. Реагира од жената која знае дека нејзината вредност не зависи од тоа дали некој погодил што ѝ треба. Повеќе не чека љубовта да се докажува преку погодување, туку почнала да ја гради преку искрен контакт. Работата со луѓе ме научи на една реченица што ретко ја слушам надвор од психотерапијата. Отпорот речиси никогаш не е отпор кон промената. Најчесто е лојалност. Лојалност кон старата верзија од нас.Кон девојчето кое научило дека така се останува сакано.Кон жената која научила дека така се избегнува конфликт.Кон мајката која што верува дека мора сè сама.Кон партнерката која верува дека ако побара нешто, ќе биде премногу. Затоа промената понекогаш боли многу. Мораме да му се заблагодариме на нешто што долго време ни служело и да признаеме дека повеќе не ни служи, во тука и сега. Експеримент за оваа недела Оваа недела не барам да смениш ниту еден однос, не барам да поставиш нова граница, не барам да бидеш похрабра. Сакам само да станеш љубопитна. Секојпат кога ќе се фатиш себеси како си велиш:„Морам.“ застани и не го менувај одговорот, само прашај:„Од кога?“ Од кога верувам дека мора јас? Од кога верувам дека не смеам да побарам? Од кога верувам дека треба однапред да погодам што чувствуваат другите? Од кога верувам дека ако не го направам јас, никој нема? Не барај веднаш решение, обиди се да ја бараш приказната. Затоа што зад секое твое „морам“ најчесто стои едно многу старо:„Некогаш морав.“ На крајот на неделата напиши само една реченица: „Најстарото мое „морам“ што го открив оваа недела е…“ Не го менувај, само запознај го. Дозволи му да го видиш и уважиш. Па, тоа е токму она кое те штитело толку години и те донело денес да си тука. Не можеме со љубов да испратиме нешто кое никогаш не сме го погледнале. Додека ја пишував оваа порака, постојано ми се враќаше една мисла. Бршленот не паѓа затоа што некој го мрази, тој се трга внимателно, со благодарност, со љубов… Затоа што некогаш бил потпора, но потпората не треба да стане затвор. И додека ја затворам оваа порака, постојано ми се враќа една слика. Замисли дека внимателно го тргаш бршленот од едно старо дрво. Првите денови не изгледа поубаво. Изгледа поголо, поранливо, незаштитено и како да му недостига нешто. Но токму тогаш, за првпат по многу години, светлината повторно стигнува до неговата кора. Можеби затоа промената толку често нè плаши. Првите моменти без стариот образец изгледаат како празнина. Но, што ако таа празнина не е губење? Што ако е простор? Следната недела ќе зборуваме токму за тој простор. За моментот кога веќе не си старата верзија од себе, а сè уште не знаеш која стануваш. Следната недела ќе те поканам да направиме нешто што, според мене, е најтешкиот чекор. Ниту едно дрво не расте така што се бори со бршленот. Расте така што повторно почнува да се движи кон светлината. Можеби така растеме и ние. |
| Со љубов, Елена |
